Лионел Меси, еден од најдобрите фудбалери на денешницата реши ова лето да го засили Пари Сен Жермен во бомбастичниот трансфер од Барселона, па француската престолнина е во делириум од неговото доаѓање, а тоа уште повеќе го мотивира газдата Насер Ал Келаифи за сериозна инвестиција и тоа проширување на стадионот.
ПСЖ е еден од 20-те гиганти на европскиот фудбал кој има најмал стадион по капацитет, од неполни 50.000 гледачи, а сега кога „светците“ направија невиден дрим-тим, зашто покрај Меси дојдоа и Џиџо Динарума, Серхио Рамос, Џорџино Вајналдум, Ашраф Хакими, а тука се и Нејмар, Килијан Мбапе, Марко Верати, Анхел Ди Марија…, па „Паркот на принцовите“ сега е претесен за сите кои сакаат да уживаат во игрите на ѕвездениот париски тим.
Ал Келаифи веќе најавил дека ќе разговара со париската градоначалничка за проширување на стадионот и тоа на 80.000 гледачи.
„Нашиот стадион ‘Паркот на принцовите’ е моментно многу мал. Мора да разговараме со Ана Хидалго, градоначалничката на Париз, за проширување. Го сакам овој стадион, но тој мора да се прошири. Тоа е важно за иднината. Секој клуб има барем 80.000 навивачи на својот стадион, зашто обврска ни е да го прошириме и реновираме“, изјави Келаифи.
Кога станува збор за Катарецот кој не жали пари, нема да биде долго чекањето ако добие дозвола, а веројатно штом почне таа реконструкција, ПСЖ нема да биде изненадување ако игра на најголемиот париски стадион „Сент Дени“, кој е со капацитет од 80,698 гледачи и многу брзо да почне со уште поголема заработувачка од влезници.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА