Меси или Бартомеу, кој прв ќе попушти?

Таткото на Лионел Меси, Жорге Меси, полета од Аргентина за Шпанија, за утрешната средба со првиот човек на Барселона, Хозеп Бартомеу. Темата е добро позната – иднината на Лионел Меси, кој инсистира на заминување од „Камп Ноу“ тврдејќи дека договорот со каталонскиот гигант му е истечен.

Ставовите се јасни и децидни, Меси тврди дека е слободен играч и може да си замине без отштета, додека Барса инсистира дека договорот што го има со Аргентинецот е валиден, заедно со клаузулата од 700 милиони евра за предвремен раскин. Ставовите се дијаметрално спротивни, но повеќе од јасно е дека ќе мора да дојде до компромис, во спротивно војната ќе продолжи, може да резултира Меси сосила да остане и да ја одработи последната година од договорот, а потоа следното лето да си замине без никаква отштета.

„Планот Б“ е Аргентинецот да инсистира на трансфер и правдата да ја бара по судски пат, но проблем е што тој процес трае најмалку три месеци, а ниту еден од заинтересираните клубови не сака да влегува во ризик потоа судот да одреди колкава ќе биде отштетата на овој мегатрансфер.

Останува да се види кој прв ќе попушти, дали Меси ќе се согласи да остане уште една сезона, па дури и да ја прифати понудата на управата за нов двогодишен договор, или пак Бартомеу ќе ја одреди почетната цена за преговори, далеку пониска од клаузулата од 700 милиони евра. Едно е јасно, од оваа војна не профитира никој, а стартот на сезоната е се поблиску.

Се вчитува...