Меси има осум желби за 2018 година

Тешко е да се биде најдобар, но Лионел Меси секогаш си поставува високи цели што го одржуваат максимално мотивиран за нови предизвици во кариерата. Така, на почетокот од оваа 2018 година Аргентинецот пред себе си има зацртано осум желби кои ќе се обиде да си ги исполни во наредните дванаесет месеци.

1. СВЕТСКА КРУНА СО АРГЕНТИНА

Дефинитивно најголема желба од сите, по бројните клупски трофеи и награди да се закити со еден и на репрезентативен план, и тоа оној најголемиот – мундијалскиот. Аргентина предводена од Меси пред четири години стигна до сребро на СП во Бразил, желбата на Лео и на неговите репрезентативни колеги е овојпат да се направи чекор напред и конечно да се крене големиот пехар.

mesi argentina radost

2. СТО ГОЛА ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

На Меси му недостигаат само три погодоци за да стигне до „стотка“ во елитното европско натпреварување. Тој е најдобар стрелец во историјата на Барселона во европските купови, а од 97-те гола досега дури 79 постигна со левата нога, 15 со десна, а четири пати ја затресе противничката мрежа со удари со глава.

3. ПЕТТА ТИТУЛА ВО ЛШ

Тој досега има освоено четири трофеи европски првак, во Париз во 2006, во Рим во 2009, во Лондон во 2011 и во Берлин во 2015 година. Ако успее да стигне до петта титула, би станал рекордер во оваа категорија по формирањето на ЛШ, заедно со своите соиграчи Жерар Пике и Андрес Иниеста.

4. НАЈМНОГУ ПОБЕДИ ВО ИСТОРИЈАТА ВО „ПРИМЕРА ДИВИЗИОН“

Лео Меси досега има 301 победа на 399 натпревари што ги одиграл за Барселона во Примера дивизион. Му недостигаат уште 33 победи за да го стигне Икер Касилјас, кој е рекордер во оваа категорија.

5. ОСВОЈУВАЊЕ НА „ПИЧИЧИ“ НАГРАДАТА

Меси досега четири пати ја добивал и наградата „Пичичи“ за најдобар стрелец во Примера. Моментно со 15 гола е убедливо најдобар во оваа категорија, далеку пред Роналдо, што го прави огромен фаворит за признанието и за сезоната 2017/2018.

6. ГОЛ ПРОТИВ ЧЕЛСИ

mesi celsi

Аргентинецот во својата кариера осум пати се сретнал со Челси и ниту еднаш не успеал да постигне погодок. Тој ќе има можност да ја прекине оваа незгодна традиција веќе во февруари, со оглед на фактот дека Барса го доби Челси за противник во чосминафиналето од Лигата на шампионите.

7. НАЈДОБАР СТРЕЛЕЦ ВО ИСТОРИЈАТА НА „ТОП 5 ЛИГИТЕ“

Џими Гривс со 366 гола (357 во Англија, девет во Италија), е апсолутен рекордер кога станува збор за стрелците во „Топ 5“ лигите во Европа (Шпанија, Англија, Италија, Франција и Германија). Меси досега има 364 погодоци, па јасно е дека е само прашање на време кога овој рекорд на англиската легенда ќе падне во рацете на Аргентинецот.

8. ПОГОДОК ПРОТИВ ЏИРОНА

Џирона е единствениот клуб од Примера дивизион што досега нема примено гол од Лео Меси. Тој ќе има шанса да ја комплетира оваа листа на дуелот од 25. коло, кога Џирона ќе дојде на „Камп ноу“.

Се вчитува...