Меси: Роналдо уште еднаш покажа дека е голем играч, тој е импресивен и во Јунајтед

Лионел Меси, еден од најдобрите играчи во историјата на фудбалот, не штедеше комплименти за својот „вечен ривал“ Кристијано Роналдо. Португалецот во текот на летото премина од Јувентус во Манчестер Јунајтед.

Кристијано се врати во клубот каде што се прослави, а досега на 13 натпревари успеа да постигне девет гола.

„Кристијано се адаптираше на импресивен начин. Тој го познаваше клубот од порано и тоа секако му помогна. Покажа уште еднаш дека е голем играч, кој носи дополнителен квалитет. Јасно е дека во моментов тимот не е на нивото на кое сите очекуваа. Сепак, имаат страшни поединци, добрите резултати ќе дојдат наскоро, само треба да се биде трпелив. Сега е само декември, ќе видиме што ќе се случи на крајот од сезоната“, изјави асот на Пари Сен Жермен.

Во изминатите години несомнено големо внимание привлекоа дуелите меѓу Меси во дресот на Барселона и Роналдо кој настапуваше за Реал Мадрид.

„Помина долго време откако не се натпреварувавме во иста лига. И двајцата се боревме, пред се, нашите клубови да победат. Знам дека навивачите едвај ги дочекуваа тие натпревари. Тоа се прекрасни спомени, кои сигурно ќе останат во историјата на фудбалот“, изјави Меси.

Се вчитува...