Меси со јавно извинување: Мислев дека немаме тренинг, како и секој друг понеделник

Лео Меси го прекина молкот по суспензијата што му беше изречена од раководството на ПСЖ откако Аргентинецот наместо да се појави на понеделничкиот тренинг на тимот, објави фотографии од семејно патување во Саудиска Арабија за кое немаше добиено дозвола од клубот.

Аргенинецот беше санкциониран со двонеделна суспензија, а по враќањето назад во Париз преку видео-порака на својот инстаграм профил им се извини на сите во клубот, тврдејќи дека станува збор за недоразбирање.

„Мислев дека имаме слободен ден по натпревар. Верував дека и овој понеделник ќе ни биде без тренинг како и секогаш кога имавме неделен меч. Го имав резервирано ова патување од поодамна и никако не можев да откажам, впрочем еднаш веќе имав откажано и сега таква опција не постоеше. Им се извинувам на соиграчите, на клубот… очекувам да го видам следниот потег на управата“, објави Меси.

Тренерот Галтие објави дека планира да го вклучи Аргентинецот во тимот откако ќе му заврши суспензијата, додека навивачите од друга страна гласно бараат Лео никогаш повеќе да не го облече дресот на ПСЖ.

Едно е сигурно, Меси на крајот од сезонава ќе си замине од „Паркот на принцовите“, а оваа француска авантура на аргентинската суперѕвезда завршува неславно.

Се вчитува...