Меси уште пред еден месец го откачил ПСЖ, казната ќе ја плати со парите од Саудиска Арабија

Лионел Меси со патувањето во Саудиска Арабија без никаква дозвола од клубот само го потврди она што веќе беше јасно – дека Аргентинецот нема намера да остане во ПСЖ и да потпише нов договор со богатиот француски фудбалски гигант. Меси пред две години потпиша за „светците“ со надеж дека и со овој тим ќе го крене трофејот во Лигата на Шампионите, но двете разочарувачки елиминации од Реал Мадрид и од Баерн Минхен само ја потврдија погрешноста на неговиот избор.

Последните информации велат дека Меси уште пред месец ги известил челниците на ПСЖ дека нема намера да потпише нов договор, туку летово како слободен играч ќе си замине од „Паркот на принцовите“. Аргентинецот како причина навел „немање на спортски концепт“, што дефинитивно било сфатено како навреда од раководството кое за две години му исплати повеќе од 100 милиони евра. Тиквата била пукната уште тогаш, но никој не очекувал ваков непрофесионален однос на најдобриот фудбалер на денешницата, кој наместо на тренинг со остатокот од тимот, се појави преку фотографии на социјалните мрежи, на одмор во Саудиска Арабија.

Казната од двенеделна суспензија беше очекуван потег, но дефинитивно нема тешко да му падне на Меси. Тој финансиски ќе остане без нешто повеќе од еден милион евра, но тоа не е преголем проблем ако се знае дека од спонзорскиот договор што го има со Саудиска Арабија ќе доби огромни 25 милиони евра.

Се вчитува...