Во вистинска фарса се претвори дуелот од руската кошаркарска дивизија меѓу Арсенал Тула и Динамо Ставропол, по комичниот финиш во кој кошаркарите на двата тима очигледно имаа свои замисли со каков резултат треба да заврши овој натпревар.
Арсенал славеше со 82-65, но овој тим е исфрлен од лигата поради илегално обложување на натпреварот, а од видеото што денеска излезе во јавноста добро се гледа за што станува збор.
Двата тима ја одиграа најсмешната завршница во историјата на кошарката, не сакајќи да постигнат поени. Се избегнуваше шут или влез кон противничкиот кош, а во последните седум минути се постигнати само три поени, и тоа случајно, со удар од таблата.
Домашните кошаркари двапати не ја изведоа топката од аут во рок од пет секунди, направија и два фаули во напад, а пет пати им се случи да истече времето за напад. Навивачите најпрвин се смееја на фарсата, но како што одминуваше времето, така и незадоволството на трибините растеше.
Извршниот Одбор на Руската Кошаркарска Федерација го исфрли Арсенал од лигата, дел од кошаркарите се суспендирани до крајот на сезонава, а тренерот до крајот на 2021 година. Интересно, гостинскиот тим мина само со „опомена“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА