„Металците“ го добиваат најголемото засилување: Војдан Стојановски уште една година во МЗТ!

Најдобриот кошаркар на МЗТ Скопје од минатата сезона, Војдан Стојановски уште една година останува во редовите на македонскиот шампион!

Како што дознава ЕКИПА, веќе и дефинитивно е постигнат договор меѓу двете страни за продолжување на соработката, со кој македонскиот репрезентативец останува „металец“ уште една година. Официјалниот потпис треба да следи наредниве денови, по што МЗТ Скопје, се чини, ќе го добие и најголемото засилување за новата сезона.

Војдан Стојановски на почетокот од актуелнава календарска година се врати во македонската клупска кошарка по повеќе од една деценија. Интернационалната авантура ја почна во 2011 година, кога замина за Украина. Од тогашниот настап за Черкасеи мавпи, македонскиот репрезентацивец настапуваше за Доњецк, Алба Берлин, Андора, Реал Бетис, Бујукчекмече, Олденбург, По Ортез и Гравелин. Кариерата ја почна во Вардар, а има играно уште и за АМАК-СП, Напредак Крушевац и за Фени индустри.

Минатата 2021 година се опоравуваше од повредата на коленото, по која одигра одлична полусезона во дресот на МЗТ Скопје Аеродром. Па, сега следи нов договор за продолжување на верноста на МЗТ Скопје.

Металците“ веќе имаат девет кошаркари во тимот што ќе го предводи Александар Петровиќ, откако последен потпиша Андреј Андоноски, приклучувајќи им се на Дамјан Стојановски, Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Дамјан Робев, Американците Бре Ајви, Мајк Кафи и Еван Максвел, како и српскиот интернационалец Страхиња Миќовиќ. Тука се и талентираните Димитар Иванов, Бојан Величковски и Марко Спасовски.

Се вчитува...