„Металците“ ја треснаа Блокотехна (87-73) и се вратија на второто место (ФОТО)

Актуелниот првак МЗТ Скопје го совлада тимот на Блокотехна со 87-73, и се искачи на второто место на табелата. „Металците“ успеаја да слават и со убедлива разлика, повеќе од седум поени, со што би имале предност при меѓусебниот скор, доколку на крајот од Суперлигата двете екипи имаат идентичен број на бодови.

Гостинскиот тим го започна натпреварот фуриозно. Блокотехна поведе со 2-10, а потоа и продолжи во ист ритам во почетните десет минути. На крајот од првиот период на семафорот стоеше 11-27, а домашните кошаркари останаа зачудени. Но, потоа следеше сосема спротивна реакција. „Металците“ се разиграа во втората четвртина, ја добија со 29-9 и на полувреме дури и обезбедија предност од четири поени (40-36).

По одморот, повторно Блокотехна стартуваше подобро. Набилда позитива (51-60), но потоа повторно возврати и МЗТ Скопје, за 61-61, пред решавачките десет минути.

Симоновски и Соколов со две тројки донесоа шест поени предност (67-61) за актуелниот шампион, се разигра и Смит во гостинскиот табор, а Казарновски на пет минути пред крајот намали на 72-69. Дамјан Стојановски реализираше за пет поени позитива, а потоа и Бојиќ уфрли едно слободно фрлање (75-69). Крафорд имаше одлично положување и МЗТ дојде до посакуваните осум поени предност.

„Металците“ ја зацврстија одбраната, гостите не можеа да реализираат, а Трајковски зголеми на 79-69. Продолжи и Крафорд со уште еден одличен потег, и дополнително слободно фрлање за 82-69. На крајот, МЗТ славеше со 87-73 и се врати на второто место, во пресрет на последните три кола.

Стефан Синовец со 22 поени и Џордан Крафорд со 21 поени беа предводници во составот на МЗТ Скопје Аеродром, а Бенџамин Двејн од Блокотехна беше најефикасен на мечот, со 26 поени.

Се вчитува...