Металург имаше лесен тренинг со „фенерџијата“ Скопје

Металург прокнижи нови бодови на суперлигашката табела откако поранешниот шампион очекувано ја оправда фаворитската улога против „фенерџијата“ Скопје, славејќи со убедливи 33-24. Гостите допатуваа во Автокоманда со десет порази по првите десет кола, а ниту денеска немаа шанса посериозно да му се спротивстават на фаворитот, кој и со намален ростер сепак успеа да стигне до цел плен.

Сите дилеми беа разрешени уште во првите десетина минути, во кои ракометарите на Скопје постигнаа само два гола, а расположените домашни играчи набрзина поведоа со 7-2. Гостите не успеаја да го издржат ритамот, предноста на Металург се зголемуваше и избраниците на тренерот Иван Марковски на одмор заминаа со водство од 17-9. „Металурзите“ потоа го отворија второто полувреме со серија од 5-0, стигнувајќи до двоцифрена предност што рутински ја одржуваа. Скопје пред крајот на мечот ја спушти разликата под десет гола, за конечни 33-24 за Металург на овој дуел.

Златко Хорват ги предводеше стрелците кај Металург со осум гола, пред Озтурк со седум и Петковски со шест погодоци. Во поразениот тим најефикасни денеска беа Филип Василевски и Чакалиќ со по пет гола.

Се вчитува...