Металург му ја позајми „Автокоманда“ на Вардар

Вардар и Металург се ракометни ривали изминатава деценија, паѓаа и тепачки на терен, „плукање“ и навреди, но се чини дека отпочнува нова ера во комуникацијата и односите на двата клуба. Како што се пофалија „металурзите“, тие ќе им ја позајмат салата „Автокоманда“ на вардарци за тренинзи.

„Металург е отворен за соработка со сите клубови и школи во Македонија, а како пример за отвореноста на нашиот клуб, претседателот на Металург Зоран Цветановски ја посочи соработката со нашиот најголем конкурент РК Вардар. Имено, се случи тоа што до скоро беше незамисливо – Вардар побара и доби дозвола да тренира во салата Автокоманда.

Поради одржувањето на Европското првенство за кошаркари до 18 години од Б дивизија и зафатеноста на салата „Јане Сандански“, тимот на Вардар нема да може да тренира во својата сала, па побара тоа да го прави во Автокоманда. Со оглед на тоа што Металург со подготовките ќе стартува во август, управата на нашиот клуб ја прифати молбата на Вардар, па неговите ракометари ќе тренираат во Автокоманда на 27 и на 28 јуни“, истакнуваат од РК Металург.

Се вчитува...