Металург се прости од ЛШ со пораз од Татран Прешов

Металург се прости од настапот во Лигата на шампионите со пораз од Татран Прешов со 30-24  на гостувањето во Словачка. За младиот состав на македонскиот вицешампион ова ќе остане една од најлошите сезони во елитното европско натпреварување. Металурзи ја завршуваат сезоната во ЛШ со дури девет порази и само една минимална победа против Чеховски медведи.

Почетокот на натпреварот не ветуваше ништо добро за избраниците на Данило Брестовац. По првите десет минути, Металург имаше постигнато само еден гол, а домаќините веќе водеа со 5-1.

Но, потоа македонскиот вицешампион успеа да ги консолидира своите редови. Никола Даниловски запиша неколку одбрани, а одговорноста во нападот на Металург ја презеде Словенецот Миха Пучник. На средината од полувремето, Металург намали на 7-5 и успеа да фати приклучок во мечот.

На седум минути пред крај на првото полувреме, металурзи направија серија од 3-1 и дојдоа на гол разлика (10-9). Но, домаќините одново притиснаа, се одлепија на 13-10, а на одмор заминаа со предност од 15-13.

Сио погодокот на Рибеиро од седмерец, Металург одново дојде на гол разлика на почетокот од второто полувреме (15-14). Во првиот обид не успеа Мартин Серафимов да реализира, а „на втора“ прецизен беше Александар Шпенде за изедначување на 15-15. Добро функционираше и одбраната на Металург и ги остави домаќините шест минути без погодок. Лошата серија на Татран Прешов ја прекина Афану Гатан кој реализира за 16-15. Одговорот на Металург стигна преку Александар Шпенде со два гола во серија за две нови изедначувања.

По серијата гол за гол, на крај сепак, поконцентрирани беа домаќините. Бруно Буторац повлече со два погодоци од трите во серија за водство на Татран од 20-17 во 40. минута од натпреварот. Металурзи настојуваа достојно да парираат и во завршната четвртина од натпреварот, но домаќините имаа солидна предност за мирен финиш. Неколку грешки на ракометарите на Металург во завршните десет минути беа доволни за Татран Прешов да ја заголеми предноста и да ја завери победата со  која теоретски останува со шанса за пласман во следната фаза од Лигата на шампионите.

Миха Пучник постигна шест,  Александар Шпенде пет, а Мартин Серафимов заврши со четири гола за Металург. Најефикасни во тимот на Татран Прешов беа Јакуб Хрстка со по осум и Бруно Буторац со шест гола.

Се вчитува...