Металург славеше во трилер-меч против Извиѓач

Ракометарите на Металург со победа ги завршија своите настапи за оваа 2018 година откако вечерва како гости триумфираа против Извиѓач со минимални 30-31, само втора радост за македонскиот вицепрвак во регионалното натпреварување. Триумфот е уште позначаен ако се знае дека е извојуван со пресврт во последниот финиш, како доказ дека е научена лекцијата од неуспесите на слични натпревари во претходните неколку месеци.

„Металурзите“ беа подобар противник во првото полувреме, на одмор заминаа со водство од 14-16 и го контролираа резултатот се до ссредината од вториот дел. Тогаш дојде до огромен пад во концентрацијата, македонскиот клуб седум минути беше без постигнат погодок, а Извиѓач максимално ја искористи ситуација и дојде до предност од два погодоци.

Сепак, Металург се разбуди во вистински момент, па по негативата од 30-28 на нешто повеќе од две минути до крајот, тимот од Автокоманда направи серија од 3-0 до самиот финиш и на крајот заслужено се радуваше на победата.

Мице Шилегов и Словенецот Шпенде со по девет гола беа најзаслужни за големиот успех, а по три погодоци постигнаа Димитриоски, Танкоски и Миличевиќ.

Се вчитува...