Металург имаше зад себе разочарувачка сезона на европската сцена, освојувајќи го последното место во групата од Лигата на шампионите, како и претпоследната позиција во СЕХА-лигата. Дел од клучните ракометари повторно ќе си заминат, но „металурзите“ сепак решија да тргнат во „невозможна мисија“ и да аплицираат за вајлд-карта за настап во ЛШ наредната сезона.
Освојувачот на Купот на Македонија потврди дека веќе ја известил РФМ за својата намера за аплицирање за добивање на вајлд-карта. „Металурзите“ посочуваат дека ги задоволуваат осумте критериуми на ЕХФ (Сала, ТВ преноси, пласман во домашното првенство, публика, претходни настапи, буџет и спонзорски потенцијал, извршување на регулативите на ЕХФ и медија-дел).
Сепак, реалната слика е малку поинаква, конкуренцијата за место во Лигата на шампионите ќе биде огромна, а на Металург во прилог не му оди ниту фактот дека за вајлд-карта аплицира и Работник, тимот што два пати ги преслуша „металурзите“ во сезоната што измина.
ЕХФ ќе ги објави имињата на сите учесници во Лигата на шампионите на 25 јуни, а доколку бидат одбиени Металург и Работник во следната сезона ќе се натпреваруваат во ЕХФ-купот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА