Металург „воскресна“ во „Македонско Сонце“, Пролет е во криза

Металург и покрај големите финансиски проблеми покажа карактер, славејќи во денешната скопска пресметка со Пролет, на гостински терен во салата „Македонско Сонце“ со резултат 29-31. „Металурзите“ одиграа беспрекорен меч во кој водеа од првата до последната минута, заслужено радувајќи се на победата и реванширајќи му се на Пролет за поразот во Автокоманда во првото овосезонско коло. Што се однесува до домаќините, јасно е дека тимот на Андон Бошковски се наоѓа во криза, откако загуби на три од последните четири натпревари во Супер-лигата.

Металург од самиот почеток јасно покажа дека избраниците на Марковски се максимално мотивирани без оглед на финансиските проблеми и штрајкот на стартот од оваа седмица. Предводени од Хорват гостите од Автокоманда во раната фаза поведоа со 3-6, а ниту тајмаутот на Бошковски не промени многу во играта на Пролет. Металург имаше 3-7, потоа и 5-9, но Пролет влезе во ритам откако остана со двајца ракометари повеќе и успеа да се врати, израмнувајќи на 9-9. Гостите сепак беа подобар ривал во првото полувреме, повторно успеаја резултатски да се одлепат и на одмор заминаа со водство од 13-16.

Гостинските ракометари го контролираа и второто полувреме, во кое голем дел ја одржуваа разликата меѓу два и четири гола. Андон Бошковски побара тајмаут при 18-22, Хорват промаши и пенал, но домаќините се мачеа во нападот и тренерот на Пролет беше принуден повторно да побара минута одмор, овојпат при негатива од 24-27. Домаќините дадоа два гола во низа, но имаа и напад за израмнување во кој наивно ја загубија топката, по што Металург до самиот крај ја одржуваше предноста меѓу еден и два гола, триумфирајќи со конечни 29-31 со пеналот што во последните секунди го реализираше Озтурк.

Златко Хорват беше главен адут на Металург и на овој натпревар со 12 гола, седум постигна Озтурк, а пет пати прецизен беше Петров. Во редовите на Пролет најефикасни во денешниот пораз беа Пецаковски со седум и Додевски и Голубовиќ со по шест погодоци.

Се вчитува...