Мичел ќе го наследи Зидан на клупата на Реал Мадрид?

Европскиот клупски првак  Реал Мадрид е во потрага по нов шеф на стручниот штаб, откако Зинедин Зидан го напушти кормилото на „кралевите“ само неколку дена по освојувањето на 13.европска титула. Тој порача дека е вистинско време да си замине, за овој тим да продолжи да победува, а интересно, оттогаш неколку тренерски имиња одбија да пристигнат на „Сантијаго Бернабеу“. Во една таква ситуација, претседателот Флорентино Перез би можел повторно да повлече потег и да ангажира поранешна клупска легенда.

Мичел, поранешниот одличен играч за врска, кој веќе има и завидно тренерско искуство, би можел да биде новиот тренер на Реал Мадрид, прогнозираат медиумите на Пиринеите. Тој има огромен авторитет на „Сантијаго Бернабеу“, се уште е миленик на фановите, а фудбалерите секако максимално би го респектирале. Мичел во моментов е без ангажман, а си замина од клупата на Малага, која испадна од шпанската фудбалска елита. Но, тоа и не значи дека Мичел е лош тренер.

Тој во сезоната 2006/07 го предводеше Б-тимот на Реал Мадрид, потоа беше и тренер на Хетафе, Севилја, Олимпијакос, Олимпик Марсеј, како и Малага. Можеби токму нему Флорентино Перез ќе му го додели тимот на „кралевите“ за следната сезона.

Се вчитува...