Миеше коли, чистеше улици – па му одбрани пенал на Роналдо на СП

Иранскиот репрезентативец Алиреза Беиранванд е единствениот што може да се пофали дека му одбранил пенал на Кристијано Роналдо на еден мундијалски натпревар. Тој го прочита големиот ас и му го одбрани ударот од белата точка, оставајќи го Иран во живот се до последните моменти за пласман во осминафиналето. Иранците во финишот израмнија, што сепак беше недоволно за место во следната рунда, но Алиреза има причина да биде горд на себе, особено ако се земе во предвид неговиот животен пат.

Имено, тој бил цврсто решен да успее во фудбалската кариера, па по конфликт во семејството уште во раните тинејџерски денови бега од дома.

„Немав каде да спијам, па одев пред клупските простории и таму ќе легнев секоја вечер. Се сеќавам, речиси секое утро крај мене имаше оставено пари, очигледно луѓето мислеле дека сум питач. Не ми пречеше, ќе ги земев парите и ќе си купев нешто убаво за доручек, што потоа ќе ме држи цел ден“ – се присетува иранскиот репрезентативец.

Патот до успехот воопшто не бил лесен, свесен дека мора од нешто да преживее тој паралелно со тренинзите почнува да работи како чистач на улици, потоа во фабрика за фустани, па во локал за миење на коли.

„Не се срамам од ништо, работев чесно и истовремено тренирав. Тоа ми помогна да бидам со уште посилен карактер, да успеам во животот“ – истакнува Алириза.

На крајот, упорноста се исплати, тој не само што почнува професионална кариера туку и се наметнува како прв голман во земјата, стартер на СП 2018. А во Русија блесна токму против Кристијано Роналдо.

Се вчитува...