Михаилов: Молдавците се фаворити, но ќе го дадеме максимумот за позитивно претставување на македонскиот фудбал

Екипата на Силекс под водство на новиот стратег Горазд Михаилов ги финишира подготовките за настапот во УЕФА Конференциската лига. Кратовци во четврток на стадионот „Петар Милошевски“ на тренинг центарот на ФФМ од 16 часот ги очекува дуелот против молдавски Петрокуб.

Силна е желбата во таборот на Силекс да се извлече позитивен резултат, иако е јасно дека тимот, по испаѓањето од Првата лига, минува низ комплетна реконструкција овој период.

„За разлика од нас кои ова лето сме во фаза на реконструкција на тимот, Петрокуб е тим кој игра долго време заедно и ја носи фаворитската улога пред меѓусебниот двомеч од првото коло во Конференциската лига“ – вели Михаилов, дополнувајќи дека сепак сите во неговиот тим ќе го дадат максимумот во желбата за позитивно претставување на македонскиот фудбал на европската сцена.

„Во секој случај, без разлика што Петрокуб е фаворит мислам дека со засилувањата кои ги доведовме и оние фудбалери кои останаа во клубот, сепак ќе бидеме конкурентни и на европскиот настап. Силна е желбата кај секој поединец во тимот со позитивно издание да се претстави македонскиот фудбал и Силекс, и јасно е дека ќе го дадеме максимумот и за позитивен резултат пред реваншот“ – дополнува шефот на стручниот штаб на кратовци.

Се вчитува...