Михајловиќ жестоко го нападна Јувентус, а не можеше и без пцовки

Синиша Михајловиќ со неговата Болоња водат жестока борба за опстанок во Серија А. Викендов освоија бод на гостувањето кај Фиорентина, меѓутоа плановите им ги поремети СПАЛ кој со пресврт славеше (2-1) против Јувентус. “Старата дама” играше речиси со третиот состав имајќи предвид дека веќе во вторник ќе ги одмерат силите со холандски Ајакс во четвртфиналето од Лигата на шампиони.

Алегри за мечот со СПАЛ  ги користеше услугите на малку познати млади надежи на Јувентус, додека Роналдо и Манџукиќ не ги ни поведе на гостувањето. Тоа и тоа како го разлути поранешниот српски селектор…

„Ако играте против првиот состав на Јувентус, тоа е во ред, ако Јувентус го започне натпреварот со неколку првотимци и најдобрите замени и тоа е во ред. Но да играте против јуниорскиот тим на Јувентус и третолигашки фудбалери, мислам дека тоа не е чесно кон останатите тимови кои се во борба за опстанок” – вели Михајловиќ и дополнува:

„Навистина такви работи воопшто не ми се допаѓаат, но ги боли нив к..от за тоа. Таков е италијанскиот фудбал, секогаш има некоја контроверзна ситуација”.

Ова е само втор пораз на Јувентус оваa сезона. Прославата на титулата е одложена за наредниот викенд на мечот против Фиорентина. Претходно во Торино доаѓа Ајакс во борба за полуфинале во Лигата на шампиони.

Се вчитува...