Михајловски: Бираме меѓу Зарабец или Јотиќ за последно засилување на Вардар

Новата управа на Вардар заврши добра работа во формирањето на тимот за наредната сезона, задржувајќи дел од клучните играчи од шампионските генерации, надополнети со квалитетни засилувања. Со ангажманот на Марко Вујин беше засилена конкуренцијата на десен бек, со Полјакот Валчак беше ангажиран и трет пивот во екипата, па сега останува само уште една дилема – околу засилување на бековската линија.

Две опции се во игра, Миха Зарабец од Кил, за кого проблем претставува фактот дека има договор со „зебрите“, како и Ловро Јотиќ, Хрватот со кого Алушовски соработуваше успешно во Работник, а сега сака да го доведе и во Вардар.

„Го завршивме речиси целиот тим, ни недостига само уште еден бек за да ја комплетираме екипата. Бираме меѓу Зарабец и Јотиќ, еден од нив двајца ќе биде наше последно засилување за следната сезона. Во случајот на Зарабец ништо не зависи од него, кај играчот постои желба да дојде, но проблемот е во Кил. Јотиќ исто така е под договор со Бенфика, но поради проблемите на португалскиот клуб би можел да добие раскин. Ќе размислиме уште малку пред да ја донесеме конечната одлука“, истакна Михајло Михајловски за ЕКИПА.

Повеќе од јасно е, „вардарци“ чекаат на целосна разврска во Кил, каде евентуално намалување на платите би го приближило Зарабец до „црвено-црните“. Сепак, доколку тоа наскоро не се случи, Јотиќ ќе биде изборот за последно засилување на македонскиот првак.

Се вчитува...