Михајловски: Нема пари како порано, во Вардар ќе останат само „флексибилните“…

Михајло Михајловски веќе почна да води преговори за ангажирање на нови ракометари во Вардар, како јасен знак дека поранешниот претседател се враќа на чело на „црвено-црните“, враќајќи си го клубот што во претходниот период беше раководен од страна на Сергеј Самсоненко. Во интервју за „Спортско Радио 90.3“ тој говореше за проблемите со кои ќе се соочува бидејќи според него, овој период е можеби и најтешкиот во клупската историја.

„Веќе не е тајна дека ние сме во фаза на разговори околу преземање на клубот, очекувам се да биде потпишано во најскоро време. Според мене, ова преземање на Вардар е во најтешкиот период на неговата историја бидејќи имаме пандемија на корона и пад на економија, кога компаниите ќе можат со големи потешкотии да го помогнат клубот. Вардар е составен дел од мојот живот, по толку многу години во овој клуб не можев да дозволат РК Вардар да згасне, како што тоа му се случи на Кометал Ѓорче Петров. Имам познанства со бројни успешни бизнисмени од нашата држава и се надевам дека дел од нив ќе излезат во пресрет и ќе станат дел од овој проект“, изјави Михајловски за „Спортско Радио 90.3“.

Воедно, тој откри и детали од состанокот што го имал со актуелните ракометари на Вардар, на кои им било ставено до знаење дека ако сакаат да останат ќе мораат да прифатат намалување на платите.

„Пред десетина дена имав состанок со ракометарите, им кажав дека сакам да го преземам клубот и тој да остане на ова ниво, да игра во ЛШ и да се атакува на некое оптимистичко четвртфинале. Многу кратко им се обратив: Прво дали сакаат да останат во Вардар, второ под кои услови би останале. Повеќето од нив се свесни дека веќе не можат да имаат такви договори, не само поради заминувањето на Самсоненко, туку бидејќи економската ситуација во цела Европа ќе оди во надолна линија и ќе се намалуваат буџетите на голем број клубови. Во принцип голем дел од нив покажаа желба да останат во клубот, јас би рекол дека оние кои ќе бидат „флексибилни“ во однос на висината на договорите ќе останат, а оние кои мислат дека ќе можат да продолжат да играат и да ги заработуваат истите пари како и досега, за нив веќе ќе нема место во Вардар. Сега сме во фаза на наоѓање на спонзори и формирање на одредена финансиска конструкција, а наскоро ќе седнеме со ракометарите на маса и ќе пресечеме кој од нив ќе остане, а кој ќе си замине од клубот“, истакна Михајловски.

Се вчитува...