Михајловски: Преговараме со Зарабец и со Вујин, но …

Вардар го финишира формирањето на ростерот за наредната сезона, а како последни два дела од „мозаикот“ останаа позициите среден и десен бек, каде управата бара наследници на Сташ Скубе и на Даинис Криштопанс. Првиот човек на клубот, Михајло Михајловски, обелодени дека сериозна опција за наследник на Скубе е неговиот сонародник Миха Зарабец, додека за нов десен бек се преговара и со поранешниот „бомбардер“ на Кил, Марко Вујин.

„Точно е дека имаме контакт со Зарабец, кој не би бил само замена, туку според мене и подобра опција на среден бек од Скубе. Сепак, проблем е во тоа што овој ракометар има договор со Кил, што значително ги отежнува разговорите за трансфер во Вардар“, вели Михајловски за ЕКИПА.

Кога станува збор за Вујин, тука ситуацијата е сосема поинаква бидејќи станува збор за играч кој е далеку од формата кога беше страв и трепет за голманите ширум Европа.

„Марко Вујин искажа желба да дојде во Вардар, но треба да видиме во каква форма се наоѓа, дали постои ризик од повреди. Тој подолго време е надвор од посакуваниот ритам, па затоа се уште немаме донесено одлука околу овој ракометар. Имаме доволно време и нема да брзаме, најважно е да ги избереме двете најдобри опции за преостанатите позиции во тимот, за Вардар да биде силен каков што сите сакаме да го гледаме“, порачува првиот човек на „црвено-црните“.

Се вчитува...