Првиот човек на Вардар, Михајло Михајловски, на денешната прес-конференција на која го промовираше Иван Чупиќ, говореше и за разочарувањето по загубената титула во клучното дерби со Пелистер, по што следеше и прекинот на соработката со Гилјермо Милано.
„Вардар минатата сезона за жал го освои само трофејот во Купот на Македонија, додека во ЕХФ Европската лига за влакно не упеавме да се пласираме во нокаут фазата. Многу сум разочаран што останавме без титулата, после тој меч не сакав една недела да разговарам за ракомет. Ние тој Пелистер го победивме во Битола, потоа го победивме во Охрид во финалето на купот, во меч со битолски судии. Сепак, кога беше најважно ниту потклекнавме, од за мене неразбирливи причини го загубивме натпреварот. По тој меч, за мене главен виновник беше тренерот заедно со стручниот штаб, потоа и играчите.
Сепак, направивме добар потег, спремајќи екипа за Лига на Шампиони, имавме обезбеден ростер на сите позиции со ракометари под договори. Оптимист сум, цел е да се освои титулата во Македонија по три години пост, а во Лигата на Европа која од година во година е се посилна и посилна – да бидеме меѓу првите осум во ова натпреварување“, изјави Михајловски.
Воедно, тој откри дека се финишираат градежните активности во салата Расадник, која ќе биде дом на РК Вардар во наредната сезона. „Црвено-црните“ поголемиот дел од своите домашни натпревари ќе ги игра токму во „Расадник“, со исклучок на дерби дуелите со Пелистер, Алкалод и можеби Охрид, како и натпреварите од Лигата на Европа што „вардарци“ и сезонава ќе ги играат во СЦ „Јане Сандански“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА