Михајловски: Вардар е најпогоден во ЛШ, и тоа не по наша вина

Првиот човек на Вардар, Михајло Михајловски, не го крие разочарувањето поради двете одложени средби во низа во Лигата на Шампионите. „Црвено-црните“ најпрвин не го одиграа мечот со Елверум на кој требаше да бидат домаќини, а вчера беше одложен и натпреварот од третата рунда против Пик Сегед, поради масовна појава на коронавирус во редовите на унгарскиот вицешампион.

„За жал, ситуацијата е таква да Вардар сега ќе мине цел месец без натпревар, што ќе има влијание врз нашата форма, токму во периодот во кој таа почна да се движи во нагорна линија. Разочарани сме пред се од одлуката за одлагање на мечот со Елверум, бидејќи стануваше збор за норвешки државни регулативи врз кои доколку се реагираше со време, можеше да се влијае. Што се однесува до Пик Сегед, станува збор за тим со огромен број на случаи на Covid-19, сите ракометари моментно им се во самоизолација и реално тука немаше простор за одигрување на натпревар. Вардар е најпогоден во целата ситуација бидејќи не игра две од првите три средби од сезоната, а никој не знае ни за кога ќе бидат презакажани истите. Испративме писмо со реакција до ЕХФ, но јасно ни е дека европската куќа на ракометот многу тешко ги менува одлуките што ги носи. Вардар во секој случај е најпогоден на стартот од сезоната во ЛШ поради одлуки поврзани со коронавирусот, и тоа не по наша вина“, вели Михајловски за ЕКИПА.

Предводникот на новиот проект на „црвено-црните“ успеа да го застане клубот на нозе, ракометарите сега редовно ги примаат платите (што со години не беше случај кај Сергеј Самсоненко), а по доброто издание и несреќниот пораз во Белорусија се очекува прв триумф над Елверум.

„Одложените натпревари дојдоа во најлош момент, токму кога ја кревавме формата на едно повисоко ниво. Вариравме со игрите во подготовките, но потоа имавме чекор напред на последните натпревари. Штета за мечот во Белорусија, на кој самите сме си виновни за поразот, а кога се надевавме на уште подобри игри следеше одлагањето на овие два натпревари. Без оглед на се, јас сум оптимист и верувам дека Вардар ќе продолжи да напредува од меч во меч веднаш штом се вратиме на терен“, истакнува првиот човек на „црвено-црните“.

Се вчитува...