Мијатовиќ незапирлив, Блокотехна славеше во Охрид

Блокотехна експресно се рехабилитираше од изненадувачкиот пораз од Гостивар минатото коло, па денеска рутински славеше на гостувањето против Охрид со убедливи 71-82. Без помошта на капитенот Главчев, тимот од Гевгелија работата ја заврши уште во првата четвртина што ја доби со 13-27, а во главна улога беше Данило Мијатовиќ.

Српскиот центар беше незапирлив за домашните кошаркари, целосно доминирајќи на теренот. Мора да се одбележи дека Мијатовиќ уште во втората четвртина ја заработи својата четврта лична грешка, но во одбраната искусно се чуваше од петти фаул, додека во нападот го полнеше кошот на охриѓани.

На крајот Мијатовиќ го заврши натпреварот со 31 поен и шест скокови, одличен беше и Литванецот Гаидус со 18 поени и 14 скокови, како и Младеновиќ, кому малку му недостигаше за трипл-дабл (19 поени, 7 скока, 8 асистенции). Кај охриѓани најзабележливи при денешниот пораз беа Миладиновиќ со 15 и Крег со 14 поени.

Се вчитува...