Милан го продава Пјонтек, тој не сака да си замине

Доаѓањето на Златан Ибрахимовиќ го прави Пјонтек прекуброен член на екипата на Милан, па „росонерите“ веќе најавија дека ќе се обидат да го продадат полскиот напаѓач во текот на јануарскиот преоден рок. Проблем е во тоа што Пјонтек не сака ни да чуе за заминување, па веќе одбил две понуди од клубови кои сакаа што поскоро да го доведат во своите редови.

Првиот е Џенова, неговиот поранешен клуб од каде пристигна во Милан, и на кого му е потребна помош во борбата за опстанок во елитата. Вториот е премиерлигашот Кристал Палас, кој испрати богата понуда до „росонерите“, но истата воопшто не беше разгледувана бидејќи самиот фудбалер јасно стави до знаење дека не сака да си замине од „Сан Сиро“. Иако е свесен дека минутажата во тимот ќе му се намали со доаѓањето на Ибрахимовиќ, Полјакот сепак е мотивиран да докаже дека заслужува да го носи дресот на Милан.

Токму затоа, тој децидно им порачал на клупските директори дека нема намера да си замине од Милан во текот на зимскиот преоден рок. На крајот од сезоната Пјонтек ќе ја донесе конечната одлука за својата иднина, но Полјакот се надева дека доколку веќе мора да си замине, тоа ќе биде во клуб со поголемо реноме од Џенова или Кристал Палас.

Се вчитува...