Потрагата по нов тренер на Милан конечно направи голем чекор напред откако „росонерите“ ги интензивираа преговорите со Пауло Фонсека.
Гигантот од Милано бара нов тренер повеќе од еден месец, откако беше најавено дека Стефано Пиоли нема да остане на клупата за наредната сезона. Прва опција беше Конте, но екс-стратегот на Интер и Јуве се покажа како прескапа опција. Веднаш потоа следеа разговори со Ван Бомел, од неодамна и со Консеисао, но ниту холандскиот ниту португалскиот стратег не воодушевиле во разговорите со управата.
Техничкиот директор Монкада лично преговарал со Фонсека, по што дал зелено светло за да се влезе во финална фаза разговори и што поскоро да се потпише договор со овој стручњак. Фонсека има договор со Лил до крајот на сезонава, но за него сериозен интерес покажува и Олимпик Марсеј, па „росонерите“ затоа брзаат за што поскоро да потпишат договор со овој стручњак.
Според извори блиски до управата, Фонсека импресионирал со својата скромност, што е важно за Милан бидејќи „росонерите“ нема да имаат преголем буџет за нови фудбалери, а Консеисао и Ван Бомел на листата со желби имале скапи потенцијални засилувања. Португалецот од друга страна нема такви барања, а со себе би можел да го доведе и Џонатан Дејвид, кој со години наназад е меѓу најдобрите стрелци во францускиот шампионат и би можел да го наследи Жиру во нападот на „росонерите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА