Милан има свој „Капетан Америка“: Пулишиќ донесе триумф на стартот од сезоната (видео)

Милан триумфално ја стартуваше новата сезона во Калчо-лигата откако „росонерите“ славеа со 0-2 на гостувањето против Болоња, меч што го одбележа извонредното деби во Серија А на Кристијан Пулишиќ. Американскиот репрезентативец учествуваше во акцијата при првиот гол, а потоа го имаше и потегот на натпреварот – кога со извонреден гол од дваесетина метри ја затресе мрежата на „болоњезите“.

Домаќините имаа одлична шанса во првата минута кога ја погодија гредата, но Милан потоа презеде контрола над средината на теренот и многу често ја селеше играта во противничкиот шеснаесетник

Едно одлично додавање на Пулишиќ стигна до Рејндерс, кој одигра повратна топка за Жиру, а францускиот ветеран стрелаше прецизно за првиот калчолигашки гол на Милан сезонава. Само неколку минути Пулишиќ блесна во сиот свој сјај, со проектил надвор од шеснаесетникот стрелајќи прецизно за 0-2.

Избраниците на Пиоли потоа во вториот дел рутински ги контролираа играта и резултатот, заслужено стигнувајќи до три бода на стартот од сезоната.

Се вчитува...