Милан ја мина и Аталанта, му фали само еден бод за шампионска титула

Милан е многу блиску до освојување на шампионската титула во Серија А откако „росонерите“ го добија и мечот од претпоследното коло против Аталанта со 2-0. Со овој триумф, Милан би можел уште вечерва да стане првак доколку Интер не слави против Калјари, но и доколку тоа се случи, на „росонерите“ во последното коло ќе им биде доволен само бод на гостински терен против Сасуоло за да стигнат до толку посакуваниот трофеј.

Денешниот дуел со Аталанта мина во тешка битка во која двата тима имаа проблеми да создадат шанси во противничкиот шеснаесетник. Клучни беа замените на тренерот Пиоли на почетокот од второто полувреме, кога ги повлече од игра индиспонираните Жиру и Салемакерс, па „росонерите“ заиграа многу побрзо.

Во ваквиот стил на игра одлично се снајде Леао, кој маестрално погоди за водство од 1-0, пред конечните 2-0 да ги постави Тео Хернандез по еден извонреден слалом од над 50 метри.

Се вчитува...