Лука Јовиќ некогаш важеше за еден од најперспективните голгетери во Европа, но кариерата на српскиот интернационалец продолжува да се движи во надолна линија. Тој летово од Фиорентина дојде на позајмица во Милан, но „росонерите“ воопшто не се задоволни од она што Јовиќ го покажува на тренинзите и на натпреварите, па сакаат веќе во јануари да ја прекинат соработката.
Србинот не само што нема постигнато гол, тој нема ниту удар во рамките на противничкиот гол, иако на терен мина 223 минути на вкупно седум натпревари (најчесто влегуваше во второто полувреме, но без никаков ефект).
Милан е во криза и се бара простор во буџетот за да биде доведено ново име во јануари, а „росонерите“ планираат да го сторат тоа со разделба од Јовиќ. Фиорентина би се согласила само ако веднаш најде нов клуб што би го ангажирал Србинот, а тука на сцена стапува Локомотива Москва, рускиот тим кој сака да го види екс-фудбалерот на Реал Мадрид во своите редови, воедно и му нуди повеќе пари во однос на она што го заработува во Милано.
Останува да се види конечната разврска, но едно дефинитивно е јасно – за Лука Јовиќ нема иднина на „Сан Сиро“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА