По турбулентниот крај на сезоната и прекинот на соработката со Масимилијано Алегри, Милан почна да бара нов тренер.
Еден од најсериозните кандидати за нов тренер е шпанскиот стратег Андони Ираола, кој го напушта Борнмут на крајот од сезоната. Ираола пред неколку сезони му беше тренер на нашиот Столе Димитриевски во Рајо Валјекано, по што реши да се пресели на „островот“ и беше исклучително успешен во најсилната лига на светот.
Италијанскиот клуб го потврди заминувањето на тренерот во понеделник, но најави и пошироки промени во спортскиот сектор. Според информациите на „Скај Спортс“, Милан веќе воспоставил контакт со менаџеритее на поранешниот тренер на Борнмут.
Шпанецот неколку недели пред крајот на сезоната објави дека нема да го обнови договорот со англискиот клуб, што веднаш го привлече интересот на бројни европски клубови.
Пред Манчестер Јунајтед да одлучи да го задржи Мајкл Керик, Ираола беше една од опциите за клупата. Челси исто така се распрашуваше за него пред да го потпише Чаби Алонсо, а како можни дестинации се споменуваа Баер Леверкузен и Кристал Палас. Сега Милан се вклучи во трката за неговиот потпис.
Познатиот италијански експерт за трансфери Џанлука Ди Марцио открива дека раководството на Милан минатата недела контактирало со претставниците на Ираола за да го подготви теренот за евентуална разделба со Алегри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
