Милан прокоцка два гола предност на прошталниот меч на Пиоли

Фудбалерите на Милан не успеаја да му подарат на својот тренер Стефано Пиоли победа на последниот меч на клупата на „росонерите“ откако фаворитот одигра само 3-3 на домашен терен против веќе испаднатата Салернитана.

„Црвено-црните“ имаа два гола предност, од 2-0 и од 3-1, но падот на концентрацијата во финишот овозможи гостите да се вратат и да ја расипат позитивната атмосфера што владееше од самиот почеток на „Сан Сиро“.

Леао го постигна првиот гол за Милан и веднаш истрча до Пиоли посветувајќи му го голот на тренерот со кого мина толку прекрасни моменти и го освои скудетото пред две сезони. На 2-0 зголеми Жиру, кој со гол се збогуваше од навивачите, ако се знае дека летово си заминува од Милан и кариерата ќе ја продолжи во американската МЛС-лига.

Салернитана намали на 2-1, но домаќините експресно одговорија и преку Калабрија ја вратија предноста од два гола. И кога се чинеше дека предноста ќе биде рутински задржана, гостите изненадија со два брзи гола, преку Самбија во 87. минута и Сими во 89. минута.

Милан ја заврши оваа натпреварувачка сезона на второто место со 75 освоени бода, четири повеќе од третопласираниот Јувентус.

Се вчитува...