Милан се мачеше со Фросиноне: Донарума одбрани пенал, Пјонтек го прекина постот

Милан не се откажува од битката за влез во ЛШ откако „росонерите“ славеа над Фросиноне со 2-0, трета победа во низа за тимот на Џенаро Гатузо.

До трите бода домашниот тим стигна многу потешко од очекувањата, по здодевното прво полувреме Фросиноне имаше одлична шанса да поведе на „Сан Сиро“, но Донарума блесна и го одбрани пеналот на Калајо. Казната стигна експресно, па Пјонтек постигна гол од непосредна близина за ерупција од воодушевување меѓу домашните навивачи. За полскиот ас ова беше 22. погодок сезонава во „Серија А“, прекинувајќи го постот од 42 дена без гол во дресот на Милан. Конечните 2-0 со еврогол од слободен удар ги постави Сусо.

Милан сега е израмнет со Аталанта на четвртото место со по 65 бода, но тимот од Бергамо вечерва го игра својот меч од претпоследното коло, на гостински терен со Јувентус.

Се вчитува...