Милан станува селски клуб: Тонали не сакал трансфер, челниците го избркале во Њукасл

Сандро Тонали денеска ги мина лекарските прегледи пред трансферот во Њукасл и наскоро ќе се пресели во таборот на овој англиски премиерлигаш, во мегатрансфер вреден 80 милиони евра. Навивачите се шокирани бидејќи станува збор за еден од најлојалните фудбалери во тимот, играч кој во неколку наврати изјавуваше дека нема цена за која би го напуштил Милан, а сега се наоѓа на излезна врата од „Сан Сиро“.

Весникот „Ла Република“ обелоденува дека Тонали настојувал да остане на дадениот збор, но според шокантните информации на оној медиум, италијанскиот репрезентативец бил избркан од клубот. Секако, за да се заработи огромна отштета од трансферот на овој играч за врска.

Првиот пат кога бил информиран за интересот на Њукасл, Тонали експресно ставил до знаење дека нема намера да се сели во Англија Неговиот фокус бил единствено на Милан, по што заминал да настапи за младинската репрезентација на Италија на ЕП што се одржува во Романија. Фудбалерот мислел дека оваа приказна е завршена, но бил шокиран откако во Романија добил повик дека мора да си замине. Тој повторно се противел, но следела јасна порака од управата – дека за него веќе нема место во тимот. Воедно, имало и закана дека тој не само што никогаш нема да добие нов договор за да стане клупска легенда, туку и ќе биде преселен на трибините и изолиран од првиот тим.

Како што информира „Ла Република“, Тонали не ги криел солзите во шок од новонастанатата ситуација, по што на крајот се согласил на трансфер во Њукасл.

Милан дефинитивно веќе не личи на европски гигант. „Росонерите“ минатиот месец се разделија од Паоло Малдини, директорот кој со лимитиран буџет им донесе шампионско скудето, а сега на ваков начин се однесуваат со еден од најперспективните италијански фудбалери во моментов. Некогаш беше фудбалски џин, но Милан за жал сега многу повеќе наликува на „селски клуб“.

Се вчитува...