Милано „замрзна“ во Русија, Фенербахче тоне во криза

Кошаркарите на Милано го претрпеа и вториот пораз во серија на гостувањата во Русија, откако по дуелот со Уникс Казан денеска загубија со 74-70 на гостувањето против Зенит. Мечот изобилуваше со бројни пресврти, но руските кошаркари беа поумешни во завршницата, на крајот радувајќи се на победата. Џордан Мики со 17 поени беше најефикасен меѓу играчите на Зенит, додека кај Милано прв стрелец беше Серхио Родригез со 20 поени.

Уникс Казан со извонреден пресврт во второто полувреме триумфираше над Алба со 85-71. Рускиот состав го демолираше гостинот од Германија со преубедливи 45-23 во вториот период, за заслужена победа. Хезоња со 22 поени беше најдобар стрелец кај Уникс, еден повеќе од Лоренцо Браун.

Резултатската криза во Фенербахче уште повеќе се продлабочи откако турскиот гигант загуби на гостувањето против Жалгирис (86-75), петти пораз на избраниците на Александар Ѓорѓевиќ во последните шест кола. Победникот беше решен во првото полувреме што литванскиот првак го доби со 38-29, Фенер се приближи, но не успеа да направи целосен пресврт, па на крајот претрпе и двоцифрен пораз. Улановас со 18 и Драгиќ со 13 поени беа најефкасни во таборот на Жалгирис, додека прв стрелец кај Фенербахче беше Де Коло со 17 постигнати поени.

Се вчитува...