Македонската одбојкарска репрезентација се прикажа во сосема солидно светло на премиерниот натпревар на ЕП 2026 против Бугарија, во кој имавме моменти на одлична игра, но на крајот сепак пресуди класата на домашните одбојкари на теренот во Софија.
Нема премногу време за анализа, веќе утре нашите одбојкари ги очекува дуел со Украина, ривал за кого селекторот Јошко Миленкоски има исклучително високо мислење.
„Ја анализиравме добро, се работи за една од најдобрите европски репрезентации, во ТОП-10 на светската ранг-листа. Украина е составена од ѕвезди, најголемата им е Плотницки, еден од најдобрите сервери во светот, тоа може да ни биде проблем, но ќе видиме како ќе се спротиставиме. Последните подготовки се направени, треба да ја играме нашата игра. Овој меч ќе ни послужи како подготовка за последните два меча. Рецептот треба да е ист како со Бугарија, да не се оптоваруваме со ривалот, туку со нас.“, изјави Миленкоски.
Тој се осврна и на премиерниот дуел со Бугарите, искажа задоволство од одредени аспекти од нашата игра…
„Мислам дека мечот од наша страна беше добар, затоа што впечатоците кај одбојкарската јавност и познавачи на одбојката, се дека тоа беше добар дуел и ние дадовме добар отпор на Бугарија, особено во одредени фази на играта, до самата завршница, имавме добар резултат, но знаете дека двете од најголемите светски ѕвезди на елементот сервис се во оваа екипа. Имавме ситуација кога бевме немоќни, особено против сервисот на браќата Николови кои јасно е дека беше преку 120 километри на час, што е навистина тешко да се игра против таков елемент на таков начин. Тој меч мора да го архивираме и да се насочиме кон Украина“, прокоментира македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
