Милер не оди во пензија, но може да си замине од Баерн

Томас Милер можеби ја игра последната сезона во дресот на Баерн Минхен откако германскиот репрезентативец најави дека воопшто не размислува за пензија, а баварскиот гигант воопшто ги нема почнато преговорите за продолжување на договорот со ветеранот. Актуелниот договор меѓу Баерн и Милер истекува на крајот од сезонава, а лесно може да се случи тој следното лето да си замине од „Алијанц Арена“.

Милер сезонава многу ретко добива шанса во стартниот тим кај тренерот Тухел, по што дел од медиумите почнаа „кампања“ за негово пензионирање. Сепак, самиот фудбалер јасно стави до знаење дека крај на кариерата не е опција за него во моментов.

„Секако дека не е убаво чувството кога другите играат, а јас сегам на клупата. Сепак, факт е дека во тимот имаме толку многу квалитетни играчи во нападот што секој ќе има период когаќе биде резерва. Јас сум член на Баерн до крајот на сезонава, за потоа ќе видиме. Дефинитивно нема да се пензионирам, планирам да играм барем уште една година по 2024. Се уште уживам на теренот, мислам дека тоа сите можат да го забележат, и затоа не размислувам за крај на кариерата“, децидно порача Милер во изјава за „Билд“.

Тој е еден од најплатените фудбалери на Баерн со годишна заработувачка од 20 милиони евра, а челниците на баварскиот клуб веќе ставија до знаење дека немаат намера да му дадат ниту приближни услови за продолжување на соработката. Токму поради ова и нема официјален старт на преговорите за нов договор, а како што одминува времето се поголеми се шансите дека Милер пред самиот крај на кариерата ќе го напушти Баерн и ќе се реши за нов предизвик.

Се вчитува...