Фудбалерите на Баерн Минхен нема лесно да се откажат од пласман во полуфиналето од Лигата на шампионите (ЛШ) и покрај поразот во првиот меч на домашен терен против ПСЖ (2-3). Баварскиот гигант не се наоѓа во топ-форма, а згора на тоа тренерот Флик повторно нема да може да смета на неколку стандардни првотимци, предводени од најдобриот стрелец Роберт Левандовски.
Без оглед на тоа, ветеранот Томас Милер испрати оптимистички најави во пресрет на денешниот реванш дуел.
„Во натпреварот ќе влеземе како и во секој друг. Важно е да ги балансираме ризиците во индивидуалните дуели. Нема да одиме во целосна офанзива уште од стартот, но сакаме да дадеме брз погодок. Ќе бидеме среќни ако направиме шанси како во првиот меч. Мора да реагираме подобро во дадени моменти. Направивме анализи и имаме идеи. За жал, ќе ни недостигаат играчи, но се чувствуваме ментално и физички спремни, а веруваме дека можеме да го свртиме резултатот“, изјави Милер.
Средбата се игра вечерва на „Паркот на принцовите“ во Париз со почеток од 21 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА