Милевски: Без разлика на проблемите со формата, фудбалерите за Македонија даваат и повеќе од 100%

Селекторот на Македонија Благоја Милевски после натпреварот со Англија зборуваше уште еднаш за проблемите со ростерот, односно слабата минутажа во клубовите на играчите.

Меѓутоа и покрај тоа, Милевски е среќен што момците секогаш за националниот тим даваат максимум, и дека во ваква форма се надигруваат и со силни репрезентации како што тоа беше случај со Англија вечерва.

„Овие млади играчи покажаа карактер, и јас сум среќен. Уште неколку ни недостасуваат, можеби уште 2-3 играчи да бидат тука со нас, и мислам дека тој е ростерот кој ќе биде во иднина. Јас не сум во ситуација да се откажам од било кој играч, и овие момци се во ростерот 60-70% немаат минутажа, но тоа го тргнаа настрана и покажаа дека не им важно дали играат или не во клубовите, туку да дојдат и да го дадат максимумот во репрезентацијата, а знаат дека кога не сте во форма, многу е тешко да се игра вакви натпревари, особено против силни селекции. Ова првпат го истакнувам со оглед дека некои големи репрезентации се жалат за минутажата на играчите, и затоа уште поголема тежина имаат перформансите што ги покажуваат тука. Јас сум здодевен некогаш што секогаш ги фалам, но морам да ги фалам, Елмас, Барди, особено Алиоски… Овие момци кога не им оди, и кога не се на нивото, не треба да се критикуваат, затоа што тоа што го покажуваат на терен, можеби е 60% од тоа што го можат. Но, кога не си во форма е многу тешко ментално да бидеш на ниво особено психолошки. Навистина имавме тешка задача, ги имавме во група Италија и Англија, според мене заедно со Франција во моментов најсилните европски репрезентации. Да бидам искрен, четврта не гледам…“, вели Милевски.

Се вчитува...