Милевски: Довербата која ја добивам во КК Ангели е само уште поголем мотив за секој следен предизвик

Кошаркарскиот прволигаш КК Ангели изминатиов викенд запиша уште еден убедлив пораз во најсилната домашна лига, но тимот од Кисела Вода промовираше нови млади сили како еден од начините за изградба на изгледот на тимот низ периодот кој следи.

За првпат стартер сезонава беше и еден од најголемите таленти на клубот, 19-годишниот Теодор Милевски кој запишувајќи повеќе од квалитетна партија само го потврди сопствениот кошаркарски потенцијал и во елитното друштво.

201-сантиметри високиот крилен играч, кој потекнува од младинската школа на МЗТ Скопје, натпреварот со Кожув го заврши со 11 постигнати поени, дополнети и со четири скока и една асистенција…, како еден од најдобрите во својот тим. Беше и најдобар поединец на паркетот во првиот период од играта во моментите на резултатската израмнетост на двата тима низ првото полувреме.

„Секако, за мене од големо значење е укажаната доверба од страна на управата и тренерот Горан Ѓорѓиевски. Благодарноста за довербата се обидувам максимално да ја презентирам преку секојa одиграна минута на терен во желбата да ја оправдам укажаната шанса. Јасно е дека пред мене е уште многу работа, пред мене се уште многу предизвици се во насока на натамошен кошаркарски развој и поуспешни настапи во дресот на КК Ангели“ – вели Теодор Милевски.

Милевски е незаменлив дел и од Б-тимот на КК Ангели кој, пак, повеќе од успешно се натпреварува и во трета сениорска лига. Викендов, КК Ангели Младинец славеше против КК Крива Паланка убедливо со 83-67.

Се вчитува...