Милевски: Го очекував овој успех, но уште доста работа е пред нас

Селекторот Благоја Милевски на прес-конференција по натпреварот кажа дека тој го очекувал овој успех, и дека во ниту еден момент не се сомневал во овие момци. Најпрво се заблагодари на претходниот селектор и на играчите кои играа, а сега не се дел од селецијата.

„Би сакал да се навратам малку назад, да се заблагодарам на сите што се заслужни за овој успех, тука мислам на мојот претходник, и сите играчи кои беа дел, а веќе не се во репрезентација. Честитки до играчите, до момците, што и да се каже во моментов е малку не само на денешниот меч, туки и на сите натпревари во циклусот. Го очекував ова. Не би се бавел со оваа работа, ако не очекувам да бидеме успешни, да имаме успешна соработка со момците“, изјави Милевски.

Тој рече дека првиот гол не бил одлучувачки за мечот.

„Бевме подготвени на секакво сценарио. Ни ја олесни работата тој ран гол. Поинаку е да стартуваш со 1:0. Но не паднавме во ниту еден момент. 90 минути ги одигравме со мали падови некаде во натпреварот. Исланд е сериозна репрезентација, играчи кои имаат потенцијал и тоа го покажаа на сите натпревари и бевме свесни дека мораме да бидеме концентрирани до крајот на мечот. Дали ќе постигнавме тој гол порано или подоцна, ние не сменивме ништо во нашата игра. Не би рекол дека првиот гол е одлучувачки момент.“, рече селекторот.

Милевски кажа дека и после примениот гол, не се сомневал во играчите дека ќе сторат се да се вратат во мечот.

„Искрено во тој момент не се сомневав дека ќе направиме се да се вратиме во мечот, особено што од една случајна ситуација примивме гол. Се радувам, и работевме на тој психолошки момент. Тоа што ни се случи со Исланд на гости многу не научи, и од тој меч мислам дека таков момент нема да имаме во иднина затоа што работиме многу за тој писхолошки момент, така што момците се супер. “, вели Милевски, кој дополни дека Македонија ја чека уште многу работа да дојде до потребното ниво.

„Имаме уште доста работа до она ниво до кое сакам да стигнеме. Мислам дека овие момци имаат потенцијал да достигнат уште многу. Работевме многу да формираме тимска игра, и мислам дека се виде тој момент дека функционираме како тим и како екипа и сите се ставени во функција на тоа.“, изјави селекторот.

Селекторот кажа дека после победата над Ерменија и ремито на Исланд со Романија, му минала низ глава онаа 2017 година и пласманот на младата селекција на Европското првенство.

„После победата над Ерменија и ремито на Исланд со Романија, си помислив дека ни е судбина да одлучуваме со Исланд, така беше и 2017. Можеби има нешто во тоа“, изјави Милевски и дополни дека покрај напаѓачите, и други треба да даваат голови во националниот тим.

„На селекција како што е Исланд, на начинот како што игра во моментов да им дадеш три гола и да доминираш во секаков аспект, мислам дека не можеме да бараме нешто во моментов во тимот. Не се само напаѓачите задолжени за давање голови, тука се позади нив. Мора некој да ја донесе топката до нив. Во сите натпревари, почнувајќи од Ерменија на домашен терен, со Исланд, па со Германија, имавме одлични транзиции. Тргнавме во оваа приказна без ниту еден ден подготвителен период. Тргнавме веднаш во квалификации, и од таа страна не можам, а да не бидам не само задоволен, туку најискрено фудбалерите многу повеќе ми пружија од што очекував“, изјави Милевски.

Се вчитува...