Милевски: Ќе ни недостасуваат Елмас и неколку повредени фудбалери, но сакаме позитивен старт

Селекторот на младата репрезентација на Македонија, Благоја Милевски го соопшти списокот репрезентативци на кои ќе смета за првиот квалификациски натпревар за ЕП 2019 против Ерменија на 5. септември во Ереван.

На прес-конференцијата по соопштувањето на списокот, Милевски потенцираше дека ќе недостасуваат неколку фудбалери, а ќе мора повторно да се соочиме и со фактот дека оние најдобрите од националниот тим не добиваат шанса да играат во своите клубови…

„На списокот се фудбалери кои навистина го заслужуваат повикот да играат во репрезентативниот дрес. Факт е дека добар дел од нив за кои знаеме дека се одлични во националниот дрес, воопшто не добиваат шанса да играат во своите клубови. Но, некако на тоа бевме навикнати и со претходната генерација, па и сега нема да ни биде ништо ново. Петар Петковски е неизвесен поради повреда на коленото, Стефан Јевтовски е без клуб, а Н`Сонго Калвин и Доријан Бабунски се без минутажа. Нсонго има проблем со документацијата, а Бабунски не игра во третолигаш во Јапонија. Се надевам дека ќе се снајдат во своите клубови и ќе се вратат за натпреварите во октомври. Ќе ни недостасува сигурно и Елиф Елмас кој е повикан за настап во сениорската репрезентација, и тоа мора да се почитува. Но, сето тоа не значи дека не посакуваме позитивен старт на квалификациите во Ереван“ – истакна Милевски, притоа дополнувајќи:

„Ерменците играат агресивен фудбал, репрезентација составена од фудбалери од двата најдобри клубови Банантс и Пјуник. Победија со 3-0 против Гибралтар и на пријателската со Молдавија. Добро се познаваат и функционираат одлично. Форсираат брз, динамичен, агресивен фудбал, со одлична техничка подготовка. Не чека тежок натпревар, ќе треба многу борба но може да се подготвиме за согласно посакувањата да продолжиме со успесите кои младата селекција претходно ги нижеше“.

Се вчитува...