Милевски: Кога играте за својата држава нема разлика дали противник е Италија, Англија или Малта…

Селекторот Благоја Милевски го објави списокот на фудбалери за престојните квалификациски натпревари против Италија и против Англија на 17-ти односно 20-ти ноември во Рим и Скопје.

Милевски е среќен што конечно ќе може да смета на услугите на Тихомир Костадинов, кој речиси по 1,5 годишна пауза се враќа во националниот тим.

„Ме радува што конечно со нас ќе биде и Тихо Костадинов кој се враќа после долга пауза, и се надевам дека ќе биде се во ред со него и ќе биде дел од тимот. Останатите се исти од минатиот прозорец, и ме радува што сите се здрави и се надевам дека така ќе остане после колото кое доаѓа викендот“, вели Милевски.

Селекторот на репрезентација вели дека овој тим покажа дека има позитивна енергија, и се надева дека така ќе остане и понатаму.

„Нема лесен или тежок натпревар, кога играте за својата држава нема разлика дали играте против Англија или Италија, или Малта и Украина. Ме радува што имаме млад тим, што последните два прозорци во септември и октомври не краси една позитивна енергија, и се надевам дека ќе остане таа позитивна енергија и натаму. Овој тим покажа дека може да биде конкурентен, може сериозно да се смета на оние кои добија минутажа и на мечевите против Украина, Италија, Малта и оној против Ерменија, и момците покажаа дека со право се тука, и со право се дава верба и минутажа на сите нив“, рече селекторот на нашиот национален тим.

Се вчитува...