Македонскиот селектор Благоја Милевски, на прес-конференцијата по поразот од Велс во Кардиф, одговараше и на прашањето дали, по еден вака убедлив пораз чувствува искра, емоција и мотив за понатамошно водство на националниот тим.
„Кога се работи за Македонија и за националниот дрес, нема простор за прашање или сомнеж дали имам некаква емоција, мотив или искра да го водам овој тим. За мене е гордост и чест да ги водам овие момци, и горд сум на се што направија изминативе години за Македонија. Чест беше за мене за секој момент соработка во овие две години и успеси, јас сум благодарен за се што минав со нив, исто како што сум максимално благодарен за поддршката која ја уживам од раководството на ФФМ. Затоа никогаш нема да се постави прашање дали постои искра во мене за водство на Македонија“ – истакна селекторот Милевски.
А, што се однесува до самиот пораз…, и односот на фудбалерите вечерва на терен… Дали ќе остави трага меѓу фудбалерите?
„Секако не смее да се дозволи на ваков начин да загубите натпревар. Но, во спортот има и вакви непосакувани моменти. Навистина знам и можам да ви пренесам колку им е тешко на фудбалерите во овие моменти. Но, секогаш и претходно докажувале дека знаат да се издигнат и над вакви ситуации, и знам дека повторно ќе биде така. Престојат уште многу предизвици и знам дека многу лесно ќе го надминат сето тоа. Сите знаеме се што направија претходно, изборувајќи се за бараж, вторпат едноподруго, за СП, се изборија и за Б-дивизија во Лигата на нации и знам дека ова што се случи е еден лош ден кој ќе се анализира добро за да не се повтори“ – рече Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

