Милевски: Кога сте меѓу најдобрите 20 селекции во Европа, најмалку е важен противникот во баражот

Македонската репрезентација го запиша најголемиот успех во својата фудбалска историја со обезбедениот пласман во баражот за СП 2022 низ регуларен квалификациски циклус кој Македонија, согласно официјалната статистика на УЕФА, го заврши на 19. место од вкупно 55 европски селекции колку што учествуваа во квалификациите.

Македонија никогаш претходно не успеала да дојде до второто место во еден квалификациски циклус. Местото меѓу најдобрите 20 селекции во Европа го прави горд и селекторот Благоја Милевски, кој сега нагласува дека најмалку е важно кого ќе добиеме во баражот за место на Мундијалот затоа што неговите избраници отворено демонстрираа дека се меѓу најдобрите на Стариот континент.

Националниот тим ги знае и шестте можни противници за полуфиналето од плеј-офот за пласман на СП 2022. Италија, Португалија, Шведска, Русија, Шкотска и Велс се потенцијалните противници…

„Искрено, за овие момци кои покажаа дека се меѓу најдобрите во Европа е навистина сеедно кого ќе добиеме во баражот за СП. Навистина не е мала работа да се биде во Топ 20 во Европа, и може само да им честитам на фудбалерите за се што направија во овој циклус. Јасно е дека нема да биде нималку лесно со ниту еден од можните противници затоа што сите се од самиот европски врв, но ние не застануваме тука“ – вели селекторот Милевски за ЕКИПА, по дознавањето на сите можни противници за баражот за СП 2022.

„Не застануваме тука затоа што пред нас предизвик е за уште еден чекор напред. Ова е историски успех, но секако не се задоволуваме само со тоа. Кога доаѓате во оваа фаза меѓу најдобрите во Европа тогаш не постои некоја разлика во името на противникот, веќе нема и некој посебен притисок, но има пред се желба уште еднаш да се демонстрира сиот свој квалитет. И во баражот, без разлика кој ќе биде противникот, ќе играме во ист стил напаѓачки со желба за триумф секако“ – дополнува македонскиот селектор.

Ждрепката за баражот за пласман на СП 2022 е закажана за 26. ноември во Цирих. Покрај носителите Италија, Португалија, Шведска, Шкотска, Русија и Велс, на листата на неносители, покрај Македонија, се и Австрија, Чешка, Украина, Турција и Полска.

Се вчитува...