Милевски: Ме радува тоа што поголемиот дел од играчите имаат минутажа во клубовите

Селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски следната седмица ќе го соопшти списокот со повикани фудбалери за контролните натпревари против Молдавија (22.03) и Црна Гора (25.03) во Анталија, Турција.

Предводникот на нашиот најдобар национален тим зборува за мартовските контролни мечеви и очекувањата од двете пресметки, потоа ситуацијата со клупските настапи на фудбалерите и за тоа дали ќе има промени во списокот на повикани фудбалери.

– Подолг период сме без репрезентативни активности, но ФИФА термините се исти за сите. Секако дека ни недостасува почесто да имаме собир со фудбалерите за да го реализираме она што е замислено и посебно за воигрување на тимот за тоа што не очекува во септември.  Постојано сме во комуникација со фудбалерите. Ме радува тоа што поголемиот дел од репрезентативците имаат сериозна минутажа во своите клубови, но има и такви што немаат доволно минути во клубовите. Она што е важно, сите се здрави и без проблем со повреди“, рече Милевски.

Селекторот кажа дека Молдавија и Црна Гора се сериозни противници кои имаат квалитет, и ќе бидат добродојдени за престојните мечеви во Лигата на Нации.

– Не случајно ги избравме Молдавија и Црна Гора, мислам дека се работи за сериозни противници, неспорно дека се квалитетни затоа што имаа одлични квалификации. Ќе ни послужат за да знаеме во кој правец се движиме и да видиме во каква форма сме.  Списокот ќе биде поширок во однос на квалификациите, ќе има 27 или 28 фудбалери. Поради повреда ќе го немаме Исник Алими“, откри предводникот на националниот тим.

Се вчитува...