Милевски: Ми треба нов предизвик во кариерата, затоа ја прифатив понудата на Ашдод!

Како што е познато, актуелниот селектор на младата репрезентација на Македонија, Благоја Милевски до 1. јуни е под договор со Фудбалската федерација на Македонија а потоа својата тренерска кариера ја продолжува во израелскиот прволигаш Ашдод со кого потпиша двегодишен договор.

Милевски, на денешната средба со медиумите во просториите на ФФМ, образложи дека се чувствувал како да го достигнал максимумот тука па сака интернационален предизвик… Откако претходно во два наврати го одбил Ашдод, сега конечно ја прифатил понудата за соработка од следната сезона.

„Јас сум до 1. јуни со договор во ФФМ и професионално ќе сум тука до самиот крај. Повикот дојде пред последниот меч со Шкотска, вториот беше пред Европското првенство, и третиот е сега. Двапати го одбив Ашдод, чувствувам дека ми е потребен нов предизвик, дека го достигнав овде максимумот“ – рече Милевски притоа дополнувајќи:

„Сакам да се заблагодарам на Фудбалската федерација за одличните услови за работа, имавме речиси перфектни услови и забележавме добри резултати. Се надевам дека Македонија и понатаму ќе продолжи по добриот пат и во иднина ќе бидеме уште поуспешни. Ја водев досега најталентираната селекција во македонскиот фудбал, која оствари историски пласман, и би посакал да има и уште поуспешни во иднина“.

Осврнувајќи се на тоа што го остава зад себе низ работата со младата селекција, најуспешниот тренер во историјата на македонскиот фудбал, потенцира дека едноставно не може а да не биде задоволен.

„Не може човек да не биде незадоволен од тоа што го постигнавме. Тоа е голем успех, некој лимит, повеќе од тоа е да го освоевме Европското првенство. Посакувам нормално да имаме вакви успеси во сите конкуренции и во иднина“ – истакна Милевски, на кого двата последни натпревари на клупата на Македонија ќе му бидат на 24. и на 27. мај на пријателските средби против Азербејџан.

Се вчитува...