Милевски: Мора да играме со поквалитетни противници како Чешка за да напредуваме

Македонската фудбалска репрезентација утре со почеток од 18 часот во Чешка ја очекува дуел против нова репрезентација која ќе настапи на Европското првенство.

Селекторот Благоја Милевски во пресрет средбата во Храдец Кралове се осврна на последниот одигран натпревар против Хрватска и го најави новиот предизвик наречен Чешка.

„Работевме на освежување на тимот, задоволен сум тоа што сите се здрави, освен како што знаеме Енис Барди не може да биде со нас. По тренингот кој го имаме, сите работи околу составот ќе ги оставиме за потоа. Се надевам дека сите ќе бидат спремни да се стават на располагање за она кое не очекува.

Кога сте учесник на едно Европско првенство, тоа е доволен доказ за квалитет. Чешка покажа дека е квалитетна репрезентацијa со извонредни играчи од Премиер лигата, Бундеслигата и Серија А, но имаат и голем број на домашни играчи од квалитетна лига низ која ја црпат базата за А-репрезентацијата. Не очекува противник сосема различен од типот на Хрватска.

Неслучајно ги прифативме овие покани за пријателски натпревари, затоа што лично мислам и уверен сум дека ние како тим и репрезентација може да напредуваме ако играме тип на мечеви со поквалитетни ривали од нас, за да го видиме нашиот реален квалитет и домет во моментов.

Од некои моменти не бев задоволен со Хрватска, пред се од второто полувреме, треба да ги елиминираме. Говорам за оние аномалии за трпението, системот и тактичката дисциплина. Физичката подготовка е фактор број еден за да бидете на ниво цели 90 минути, но што е, тука е. Одиме да го извадиме максимумот, иако сме свесни дека е крај на сезоната и заморот е присутен кај играчите, како и проблемите кои ги имаат дел од играчите во клубовите“, изјави Милевски.

Се вчитува...