Милевски: Нема да калкулираме и да се штедиме, одиме на победа против Летонија

Македонија утре со почеток во 18 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ ќе го има тестот со Летонија, како „загревање“ за најважниот меч во квалификациите и дуелот против Велс во Кардиф.

Македонскиот селектор Благоја Милевски, најави дека нема да ги штеди силите, но и дека ќе проба некои варијанти пред последниот меч во квалификациската група, кој ќе одлучува за баражот за пласман на Мундијалот идната година.

„Нема потреба да било што калкулираме или се штедиме, затоа што имаме после пет дена одмор до мечот со Велс. Секогаш кога игра Македонија нема простор за калкулирање. Сите кои ќе бидат во тимот, ќе се стават во функција на тимот и ќе бидат на максимум и ќе се обидеме да извлечеме што е можно повеќе и на физички и на тактички план, и да пробаме некои работи кои сакам да ги видам, посебно за пристапот, трка и на физички план како стоиме, и тоа ќе биде примарна цел. Секако дека резултатот е примарна цел, но има и други работи кои сакам да ги видам на кое ниво сме и до каде сме“, изјави Милевски и додаде:

„Секогаш и секако дека победа носи поголема самодоверба за следниот меч, од друга страна имаме план кој не води напред, не е само план Летонија, туку секогаш ја гледаме пошироката слика и тоа Макеоднија како треба изгледа во иднина. Сето ова е во функција како ја замислувам јас Македонија да изгледа во следниот период. Така што секој следен натпревар е најважен. Акцент е ставен на тимот, и секогаш ќе биде така додека сум селектор. Тим како тим, секогаш имаме варијации дали во напад или во одбрана. Мораме да функционираме сите на квалитетно ниво за да бидеме конкурентни во едни квалификации, затоа што имаме против себе сериозни противници. И немаме право некаде да сме послаби, а некаде поквалитетни, туку во сите сегменти да бидеме на највисоко ниво. Македонија покажа дека може, период наназад нецели две години дека има квалитет, дека има константност, немаме осцилации големи во играта и во резултатите, така што тоа е правецот по кој треба да се движиме во иднина“, рече селекторот на Македонија.

Се вчитува...