Милевски нема можност за многу дилеми: Уште сега се насетуваат првите 11 кои ќе се спротистават на Италијанците!

Македонскиот селектор Благоја Милевски, ако се знае дека нема да може да смета на стандардните низ квалификацискиот циклус Елиф Елмас и Тихомир Костадинов, и нема многу можност за сериозни дилеми околу составот кој ќе им се спротистави на Италијанците во баражот за пласман на СП 2022 во Палермо на 24. март.

Во голема мера може да се насетат и првите 11 за дуелот со Италија, со еден или два прашалници, во очекување секако сите повикани да бидат максимално здравствено подготвени за пресметката на „Ренцо Барбера“.

„И Елиф и Тихо се и тоа како важен дел за нас. Тимот е едно со нив, а друго без нив и ќе треба да го пребродиме тоа нивно отсуство. Ако е се во ред со повиканите играчи, немам дилеми околу составот. Дилемата е околу Адеми, дали ќе може да настапи или не, а сите знаеме од колкаво значење е неговото присуство за нас“ – вели Милевски.

Во одбраната, пред голманот Столе Димитриевски, е сосема јасно дека ќе бидат Муслиу и Велковски, дополнети со капитенот Стефан Ристовски и Алиоски, а во средниот ред Адеми, во надеж дека ќе биде подготвен за настап, Барди и најверојатно Стефан Ашковски, во засилениот дефанзивен среден ред, кој и низ квалификациите ја уживаше поддршката на Милевски. На крилните позиции повторно се очекува да стартуваа Дарко Чурлинов и Александар Трајковски, со Милан Ристовски во нападот.

Во моментов, пред стартот на неколкудневните подготовки, се чини ова се главните контури на почетниот состав иако како опција, пред се околу комбинации за средниот ред и нападот остануваат и Бобан Николов, Стефан Спировски и Валон Етеми, кој игра во одлична форма во турски Истанбулспор.

Македонија против Италија во полуфиналето од плејоф пресметката за мундијалски пласман ќе игра на 24. март од 20:45 часот на „Ренцо Барбера“ во Палермо.

Се вчитува...